• Име на предметот: Розета – фрагмент (дел) од таваница
  • Период/датација: Крај на 19 почеток на 20 век
  • Потекло: Нејзиното потекло не е со сигурност дефинирано, затоа што таа е затекната уште од старата музејска збирка која била формирана пред Втората светска војна. Сепак, според своите карактеристики и локални традиции, розетата најверојатно потекнува од некоја побогата градска куќа од територијата на Битола.
  • Материјал/техника: Розетата се состои од 4 поединечни елементи, изработени од дрво во техника на длабока резба.
  • Димензии: дијаметар од 46 cm висина 15 cm

Кратка приказна (опис):

Резбаните тавани претставуваат еден од најзначајните и можеби највпечатливи елементи од куќниот инвентар на битолската градска куќа. Елементите од кои е составен фрагментот го овозможуваат формирањето на една впечатлива декоративна розета која е поширока кон основата, а кон врвот се стеснува и преминува кон централната форма од која се зачувани само неколку листови, додека централниот елемент на розетата е комплетно оштетен, односно недостига.
Во најширокиот дел од основата на розетата се изведени лозови гранчиња со уметнички стилизирани листови и гроздови, додека пак во останатиот дел од розетата се изведени стилизирани гранчиња со листови, цветови и пупки, што на комплетниот фрагмент му дава една богата слоевитост и убавина.
Резбаните таваници покрај нивната основна уметничка и естетска симболика и квалитет воедно служеле и како показател на општествено – економскиот статус на сопствениците.