• Име на предметот: Паласка или фишеклија
  • Период/датација: 19 век
  • Потекло: Етнолошка збирка на НУ „Завод и музеј“ – Битола
  • Материјал/техника: Паласката е изработена од месинг во техника на леење од страна на професионални мајстори занаетчии, леари.
  • Димензии: висина 12 см., ширина – 9 см, и ширина на страни од 2 см.

Кратка приказна:

Палската е составен дел на приборот за оружје. Се состои од тело и капак.Таа има речиси квадратна форма со благо извиени, кон внатре, страни. Долните краеви на паласката се полузаоблени и во долниот дел од паласката завршуваат во мал зашилен дел. На горниот дел од капакот централно е поставена една мала триаголна форма кој што има функција на рачка.

Паласката е украсена со густа релјефна декорацијата, застапена на сите нејзини страни, со исклучок на задната страна. Кај неа е забележливо присуство на вегетабилни и геометриски форми. Доминантна е формата на четворолистен цвет кој е изведен на предната страна и во чиј што централен дел е изведен еден ромбоиден мотив. Ромбот е декориран со неколку симетрично поставени линии, а во неговата средина се наоѓа густа вегетабилна декорација. Во двата цветни листови кои се наоѓаат на горната половина од паласката се изведени две птици, додека пак во долните два листови се наоѓаат цветни гранчиња дополнети со расцутени цветови, но и со пупки.

Надвор од овој голем цветен мотив, паласката е надополнета со густа вегетабилна декорација формирана од гранчиња, цветови и листови. Страничните потесни делови од паласката исто така се украсени со вегетабилни мотиви. На задниот дел се наоѓа една мала метална алка или додаток, низ кој се провирал ремен со кој паласката се прицврстувала за појасот.

Паласка или фишеклија, 19 век